Македонија

Дваесеттата Меѓународна конференција е-Општество.мк со фокус на дигиталната трансформација

Вчера во Скопје се одржа дваесеттата по ред меѓународна конференција е-Општество.мк во организација на Фондацијата Метаморфозис, која одбележува две децении постоење. Конференцијата годинава ја обработуваше темата на дигитална трансформација преку повеќе панел дискусии, изложби, квиз и презентации. Во рамки на конференцијата, исто така, за прв пат беше доделена наградата „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации.

Конференцијата ја отвори Амбасадорката на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Узлем Џанел, заедно со извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари.

Амбасадорката Џенел меѓу другото нагласи дека: „кога зборуваме за дигитализација не можеме да не дискутираме за сајбер безбедноста, тоа се двете страни на истата паричка“.

Јашари, пак, посочи дека Фондацијата Метаморфозис, „веќе две децении преку активностите и различните напори, се обидува да ја користи технологијата со цел да ја унапреди отвореноста и транспарентноста на властите, да се бори со говорот на омраза на интернет и други прашања“.

Покрај експертите од регионот и странство во содржините се вклучија домашни експерти, претставници на државните институции, но и на бизнис секторот, како и лица со попреченост и претставници на младински организации.

На првата панел дискусија насловена „Има ли аир од дигиталното општество“ говорниците дадоа свои перспективи од институционален, граѓански и бизнис сектор во однос на нивната одговорност и практики кои ги применуваат во создавањето на дигитално општество кое е во корист на сите граѓани.

Веднаш по завршувањето на дискусијата присутните имаа можност од прва рака да се запознаат со начините на примена на ВИ асистенти од страна на лица со попреченост.

По паузата имавме прилика да гледаме една поинаква дискусија која ги засега новите начини на користење на средствата за комуникација и новите медиуми особено кај младите. Дискусијата „Покажи ми го твоето меме- мемификација на општествениот дискурс“ ги допре прашањата за тоа како медиумите се адаптираат на новите децентрализирани начини на пренесување информации каде што нивната моќ се намалува, а несаканите позадински влијанија се зголемуваат.

Младите беа вклучени и во следната содржина во која млади претставници од граѓански организации се натпреваруваа со постари и поискусни граѓани во квиз за препознавање на дезинформации. Оваа забавна содржина покажа колку е тешко да се препознаат дезинформациите и кои се начините да ги откриеме.

Последната панел дискусија „Војна со дезинформации – Политички и безбедносен предизвик на Западен Балкан“ се фокусираше токму на дезинформациите и нивните сериозни последици врз безбедноста на земјата. Во овој панел земаа учество експерти кои споделија искуства на овие прашања од регионот и пошироко.

Конференцијата се затвори со доделување на годишната награда „Илија Жупаноски“ за новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата, која Метаморфозис ја воведува за прв пат. Беа доделени награди во две категории.

Во категоријата „Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци“ наградата од 3000 евра во денарска противвредност беше доделена на Здружението на граѓани Институт за медиуми и аналитика ИМА – Скопје за стручен труд со серија на содржини кои се меѓусебно поврзани обработени во ТВ емисија „Полиграф“ за разоткривање дезинформации. Автори на проектот и сценариото се Петрит Сарачини и Жарко Трајаноски.

Наградата, пак, во категоријата Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 г. во вредност од 1000 евра ја доби новинарот Ардит Рамадани за видеото со наслов „Медиумската хистерија за полот на Имане Хелиф влече корени од Русија, медиумите паднаа во замката на Русија, повторно“.

Со оглед на квалитетот на пријавената тема „Дезинформации и ширење на теории на заговор“ (едукативни видеа), Комисијата едногласно одлучи да се додели признание за посебен придонес за новинарката Весна Коловска.

Денес конференцијата продолжува во Јавна соба каде што фокусот ќе се одржи работилница за борба против дезинформации: StopFake—најдобри практики

На почеток