Герасимовски: Наградени три идејни решенија за новата општинска зграда на Општина Центар
На конкурсот за идејно решение за новата управна зграда на Општина Центар – Скопје, стручната комисија составена од претставници на релевантни институции од струката, образовни институции од областа, како и стручни лица од општинската администрација, избра три најуспешни идејни архитектонски решенија од вкупно 13 пристигнати трудови:
Првата награда е доделена за идејното решение под шифрата „НАМАТ“ на: Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски.
Втората награда ја доби проектот под шифра „ЧКЛАБ“ на ПЛАТФОРМА ДОО Скопје, со авторите: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени.
Треторангирано е архитектонското решение под шифра „СЦЕНА“ на: Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска.
Наградите изнесуваат 750.000 денари за првото место, 400.000 денари за второто место, и 300.000 денари за третото место.
„Избраните три решенија поставуваат темел за изградба на современа и функционална зграда која ќе ги задоволи потребите на граѓаните и администрацијата“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Со изградбата на планираниот нов комплекс, старите бараки ќе се заменат со современ објект кој ќе ги задоволи потребите на општинската администрација, а локалните жители ќе добијат функционален простор.
Проектот вклучува изградба на подземен паркинг со околу 300 паркинг места и простор за 100 велосипеди, што ќе го реши проблемот со паркирањето во околината.
Герасимовски очекува новата зграда да стане центар на динамична и отворена комуникација, создавајќи простор за зближување на граѓаните.