Магазин

49 издание на МОТ од 15 до 21 ноември во Скопје

МКЦ го најавува 49-то издание на Млад отворен театар – МОТ, од 15 до 21 ноември, со театарски настани, претстави, работилница кои ќе се реализираат со огромна поддршка на МОТ – овската мрежа која со страст е создавана изминативе децении.

Ова издание на фестивалот се отвора со минатогодишните победници, независната продукција, театарот „Златен Елец“ и претставата „Хинкеман“ по текст на Ернест Толер, во режија Тамара Стојаноска. Иако се осамени како независен театар на репертоарот, сепак, по регионалните награди, тие ја заслужија сцената и завесата на МОТ ќе се крене со нивната нова премиера. Антивоената тема која се провлекува во нивната претстава го најавува и мотивот на годинешниот МОТ.

„Во време кога светот се соочува со две војни, програмата на овој МОТ го изнесува својот активистички став со кој во фокус ги става темите кои го запалија светот, а во нашето општествено политичко секојдневие не добиваат соодветно значење.“ – вели Русе Арсов.

Претставата „Хинкеман“ги истражува бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. Таа ерупција на омразата меѓу луѓето и нациите е препознатлив знак на духот на времето во кое живееме и денес. Па осаменоста на човекот во таков пејзаж е доволно податлив, за со неа да се бави претставата „Без крв“, која е продукција на двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ копродукција на Драмски театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес. Воената тема пластично ќе ја доловат шесте брилијантни актерки од Украина кои ќе ги раскажат своите приказни распнати меѓу војната и нивните секојдневни животи и нивните семејства и за тоа како ова состојба го има променето нивниот однос кон животот во перформансот „Танцот на смртта“на Ле Пре/Дак Театар. Перформансот е создаден кратко по почетокот на руската воена агресија и во моментов овој музичко – театарски проект ужива огромна популарност, а негови членови се дел од музичкото фрик – кабаре „Ќерките на Дак“ (Dakh daughters) од Киев.

„Додека светот гори во глобален контекст, на локално ниво ние водиме војна за МОТ. Се бориме и со минимум буџет покажуваме дека МОТ не е осамен, бидејќи солидарноста на глобалната МОТовска мрежа го овозможува и ова 49то издание на фестивалот. Инстинктот за преживување е силен, еднаков како љубовта која го шири овој МЛАД „средовечен“ фестивал“ – продолжува Арсов во името на тимот на МКЦ.

Надвор од ова тематско боење на фестивалот, на МОТ ги имаме „Скринејџери, втор дел“, рефлексивен мјузикл од Франција кој се обидува да одговори на прашањето каква трага остава дигиталниот хаос на нашата психа и фантазија, за да сме способни да го впиеме сето тоа „скролајќи“ надолу.

Потоа гостува најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште „Ана Каренина“, во режија на Дејан Пројковски, која беше прогласувана за апсолутен победник на неколку регионални фестивали.

Присуството на Креативниот центар Крушче на Томи Јанежич, со делото „Куќа, дом“ на Катја Легин нѝ дава можност за доживување на театарот во автентичен простор за темата, овој пат куќа/дом на непозната локација во Скопје, за која публиката која има билет ќе добие адреса дополнително.

Театарот Промена, од Србија доаѓа со монодрамата „Мајорот и Хелена“, која е авторски проект на Алекса Јовиќ и ја обработува приказната на транс-родовата жена и нејзината храброст во конзервативното општество.

„Сé што е важно“ е интерактивна претстава на театарот Арисандмарта од Грција, кој ќе ги донесе белешките за изведување на пријателство, низ сценски движења на кои публиката ќе биде сведок.

Театарскиот режисер и драмски писател Јари Јутинен (уметнички дитектор на sadsongskomplex:fi, од Финска) ќе биде домаќин на разговорен мастерклас за професионалци во театарот и студенти што ги истражуваат „зошто“, „кој“ и „како“ на меѓународната соработка. Со него заедно ќе испитаме зошто глобалните партнерства се важни во театарскиот свет, или пак, дали се?

На почеток