Заштита од пожари и град и државни откупни центри за заштита на земјоделците, бара Левица
„Одделување повеќе парични средства за социјални мерки, за земјоделие, екологија и заштита од пожари, се дел од амандманите за предлог Буџетот за 2025 година, коишто ги поднесе пратеникот Сашко Јанчев од Левица“, известуваат од Левица.
„Само во 2024 година во шумски пожари изгореа 90 илјади хектари површина што е речиси 4% од цела територија на државата. Катастрофални шумски пожари се повторуваат секоја година. Со цел решавање на проблемите кои претходно ги детектиравме како главен извор на лошото справување со пожарите, побаравме зголемен буџет за борба против пожарите.
Прекупците на земјоделски производи од приватните откупни центри на земјоделците им даваат цени со кои не можат да си ги покријат ни трошоците за производство. Затоа, предложен е амандман со што се предвидуваат средства за изградба на државни откупни центри во земјоделските региони. Дополнително, со цел заштита на производството од природни непогоди, предложен е и амандман за набавка на систем за заштита од град.
Стареењето на населението, заедно со опасноста од исчезнување на Дојранското езеро, се клучни проблеми кои што го засегаат населението од југот на Македонија. Заради ова, поднесени се амандмани за изградба на старечки дом во Гевгелија и Буџет за мониторинг и управување со квалитетот на водата и заштита на Дојранско Езеро“, соопшти Левица.