Македонија

Советот на јавни обвинители гласаше за суспензија на шефот на вишото обвинителство Хајрулахи

Советот на јавни обвинители донесе одлука за суспензија на вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи. За одлуката гласаа седум члена на Советот.

Советот на јавни обвинители со ова го потврди решението на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за оддалечување од функцијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Дополнително, Советот ја одби како неоснована жалбата на Хајрулахи.

„Се потврдува одлуката со која вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи се оддалечува од функцијата вршење јавен обвинител за време додека трае кривичната постапка. Да се потврди решението, а жалбата да се одбие како неоснована“, рече претседателката на Советот, Душица Димитриевска.

Против гласаше членот Кети Петкова, за која одлуката за суспендирање на Хајрулахи треба да се преиначи, бидејќи, како што оцени, со неа републичкиот јавен обвинител го крши Законот за јавно обвинителство и задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители.

Во меѓувреме, од Советот на јавните обвинители го чекаат мислењето на Коцевски, за да можат потоа да постапуваат по пријавата на двајцата обвинители Хајрулахи и Јован Цветановки за наводите дека републичкиот обвинител им вршел притисок за случајот со бонусите на екс обвинителите од СЈО.

На почеток