Скопје

Почнаа активностите на Зимската служба на Град Скопје

Екипи на Зимската служба на Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“- Скопје во текот на изминатата ноќ почнаа со активностите за чистење снег и фрлање на сол на сите булевари и критични точки во градот, известуваат од „Улици и патишта“.

Интервенирано е со фрлање на 45 тони индустриска сол на сите критични црни точки и на поголемите булевари и улици во градот со седум специјални возила на Град Скопје.

Се чистеа првите снежни наноси на булеварот Александар Македонски, улиците Радишанска, Индира Ганди, Коце Металец, како и Христо Татарчев на последна автобуска постојка број 24.

Координираните активности за зимско оддржување на улиците во надлежност на Град Скопје и ЈП Улици и патишта продолжуваат со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал, велат од „Улици и патишта“.

Градот Скопје и јавните градски претпријатија за претстојната зимска сезона 2023/2024 обезбедија околу 3.500 тони индустриска сол, од кои околу 1000 тони се залиха од минатата зимска служба. Обезбедени се и 200 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини. Со Програмата се предвидени обемот, динамиката и нивото на одржување на улиците, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на градските сообраќајници во зимски услови.

Кoловозните ленти при одржувањето во зимски услови ќе се расчистуваат според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот /стопански објекти/.

Преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамки на Програмата и своите надлежност да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни подпрограми за расчистување на јавни површини во зимски услови.

Кризниот штаб апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата, благовремено да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавна чистота ќе изрекуваат казни. Посебно се апелира до возачите да ја почитуваат законската регулатива за задолжително користење зимски пневматици, со што ќе придонесат во организирањето на оптималната безбедност на сообраќајот во зимски услови.

Потсетување за граѓаните дека за расчистување на сервисните улици надлежни се општините, додаваат од „Улици и патишта“.

На почеток