(Видео) Филипче најави масовна теренска кампања по празниците: граѓаните на прво место
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави масовна теренска кампања по празниците, како дел од новата платформа на партијата која ги става граѓаните на прво место.
„Сакам да најавам масовна теренска кампања после празниците. СДСМ не смее и нема да ги заборави луѓето. Не смееме да ги оставиме на маргините и со чувство дека не може ништо да направат во ситуација кога власта не се грижи за нив и за реалните проблеми,“ истакна Филипче.
СДСМ ќе ги врати луѓето во центарот на својата политика, а грешките од минатото ќе бидат исправени.
„Ова сака токму ВМРО-ДПМНЕ, да ги убеди дека мора да се помират со политиките пропагирајќи им дека ете тие биле непобедливи сега. Реалноста е сосема различна, животот е многу тежок, проблемите се товарат еден врз друг. СДСМ направи грешка со тоа што се оддалечи на некој начин од граѓаните кога беше на власт и таа грешка ќе ја исправиме,“ рече Филипче.
Според планот, до крајот на годината ќе завршат сите внатрешни процеси во партијата, а потоа ќе следува теренската активност и промоција на новата платформа.
„До крајот на годината завршуваат сите процеси во партијата, а потоа ќе излеземе на терен и ќе ја промовираме нашата визија и нова платформа со која ќе понудиме реални решенија, нови луѓе и нови политики. Ова ќе биде политика на СДСМ каде граѓаните ќе бидат на прво место,“ заврши Филипче.
СДСМ останува доследна на својата мисија да ги врати граѓаните во центарот на политичките одлуки и да понуди реални решенија за подобрување на животниот стандард и развој на државата, велат од партијата.