Македонија

(Видео) Филипче со понуда: Да направиме заедничка натпартиска државна стратегија, тоа е реален патриотизам

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференцијата по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, упати повик за заедничка, натпартиска стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.

„Во изминатите шест месеци слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби,“ истакна Филипче.

СДСМ, како конструктивна опозиција, нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија.

„Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување,“ изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ предложи конкретни чекори за изработка на таквата платформа.

„Од денес им нудам формирање на тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира,“ истакна Филипче.

Со овој пристап, според СДСМ, може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата.

„Само така ќе може да обезбедиме долгорочен развој. Само ако така сакаат да работат и ако се искрени во намерите ова ќе го прифатат. Ова е реален патриотизам,“ заклучи Филипче.

СДСМ е подготвена за натпартиска соработка која ќе го стави интересот на граѓаните и државата пред политичките манипулации и поделби, велат од партијата.

На почеток