Македонија

Братот и сестрата на исчезнатата Лидија бараат полиграфско тестирање на две лица

Од осми ноември надлежните институции не можат да ја пронајдат исчезнатата скопјанка, 43-годишната Лидија Трајковска, која според сведоштвото на семејството, излегла од дома во раните утрински часови, без лични документи и мобилен телефон, по што и се губи траг.

Набргу по исчезнувањето, во повеќе наврати јавно се огласија членови на семејството на Лидија, односно нејзиниот сопруг со кого имаат три возрасни ќерки и внучиња, а за помош апелираше и една од нејзините ќерки.

Од МВР исто така во неколку наврати истакнаа дека се превземаат сите мерки за пронаоѓање на жената, и штом ќе имало нови детали во истрагата, јавноста ќе била информирана. Но, речиси два месеца нема никаков глас за случајот кој ја вознемири македонската јавност.

Како што објави „Фокус“, во нивната редакција се обратиле Билјана, сестра на Лидија и нејзиниот брат Александар Јоциќ.

Тие раскажуваат дека како времето минува, случајот паѓа во заборав, и само уште тие двајца останале секојдневно да ја бараат Лидија.

„Има бројни коментари да не ја бараме Лидија, бидејќи наводно побегнала со „кумот”. Такво нешто нема, ете го ,,кумот” кој всушност и не и е кум на сестра ми, овде е, никаде не е побегнат, а полицијата го знае неговиот идентитет.

Од страна на полицијата ни беше кажано дека имала врска со тоа лице, па еве јавно прашувам, во еден ваков случај, зошто тоа лице не се стави на полиграф? Зошто и сопругот на Лидија се уште не е ставен на полиграф? На сите до еден нека ни направат полиграфско тестирање, нека се дознае вистината веќе еднаш, бидејќи живееме во агонија“, вели братот на Лидија за „Фокус“.

И нејзината сестра Билјана е со истиот став, да се изврши полиграфското тестирање врз лицето кое било во врска со Лидија, како и врз нејзиниот сопруг, за да можат да го тргнат секој евентуален сомнеж, но и за да ги запрат негативните коментари и шпекулации кои се прошириле во јавност.

Од МВР пак, последната информација за случајот беше објавена околу една недела по исчезнувањето. Тогаш соопштија дека било утврдено нејзиното движење, кога од Јурумлери се упатила кон пат кој води кон Драчево, и дека во близина на мост на реката Вардар биле пронајдени цигари и запалка, за кои нејзиниот сопруг потврдил дека се нејзини, но и џемпер, за кој сопругот кажал дека не е нејзин.

На почеток