МОН: Утре почнува второто полугодие од учебната 2024/2025
Министерството за образование и наука информира дека второто полугодие за основците и средношколците почнува утре, 20 јануари. Според календарите за работа, наставната година во основните и во средните училишта завршува на 10 јуни, освен за матурантите, за кои редовната настава завршува на 16 мај 2025 година.
По повод почетокот на вториот дел од учебната година, министерката за образование и наука Весна Јаневска на учениците, наставниците и родителите им посака успешно совладување на новите предизвици, нагласувајќи дека секој треба да придонесе во градењето пријателски и безбедни училишта, во кои владее култура на разбирање и соработка. Тоа се важни предуслови за стекнување квалитетни знаења, вештини и компетенции, кои младите ги оформуваат како одговорни граѓани и идни лидери на инклузивно, праведно и просперитетно општество.