Време е ние, граѓаните на општина Аеродром да се свртиме како свои кон своето. Изминатите 17 години го потврдија сивилото во управувањето на општината, а сега е потребно излегување од сивилото, одлучно и заедно. Вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките. Kако кандидатка за градоначалничка, целиот свој капацитет и своето срце ќе го дадам за Аеродром на кој ќе се гордееме, со овие зборови се обрати вчеравечер Билјана Аврамоска-Ѓореска, кандидатката за градоначалник на Општина Аеродром предложена од движењето „Одлучно за промени" на ЛДП и ДОМ.
- Да се оттргнеме од празните ветувања и неостварливите проекти од изборната кампања на другите кандидати. Градежниот грев во стариот Аеродром кое е новото Дебар Маало е нешто на кое сведочиме. Сега е моментот за промени, да ставиме крај на сето тоа и да свртиме нова страница. Аеродром заслужува алтернативи за економски развој, енергетска ефикасност и рамномерен развој во урбаниот и руралниот дел, истакна Аврамоска-Ѓореска.
Таа на граѓаните им порача дека ќе има подобрување на услугите за самохраните мајки, лицата со попреченост, а Аеродром заслужува и менаџирање на зеленилото и чист воздух.
Андреј Крстевски, носителот на советничката листа на Општина Аеродром рече дека посветеноста што ја има кон приватниот бизнис со сигурност ќе ја преточи и во борбата за поубава и просперитетна општина преку конкретни предлози во Советот.
- Со сите сили ќе се борам нашата предизборна програма, која е решение на секојдневните проблеми со кои се соочуваме, целосно да ја исполниме и одлучно да го промениме животот на подобро во нашата Општина Аеродром, беше дециден во своето обраќање Крстевски.
Д-р Никола Пановски, носителот на советничката листа за Град Скопје рече дека му е драго што покрај него се личности со интегритет, не се кукли на навивање.
- Се сеќавате на оваа зграда во Аеродром кога ја градеа? СДСМ рече дека нема да дозволи да се гради па се изгради. Дојдоа советниците од ВМРО кои гласале за градењето да протестираат, некој ги навивал дома и ги пуштил да протестираат, а тие беа потпишани на решението да се гради ова зграда. Нам не ни се потребни такви кукли на навивање, туку ни се потребни луѓе со достоинство и интегритет кои нема да дозволат да се гради наоколу без план, истакна д-р Пановски.
На настанот говореа лидерите на ЛДП и ДОМ, Горан Милевски и Маја Морачанин, кои упатија порака дека во урбаните и руралните средини имаат чувари на општините.
- Аеродром ни е многу важна, урбана општина. Центарот да добие своја опција во оваа општина. Добро е што кампањата за пет дена завршува. Двете големи партии, полни со мегаломански и лажни ветувања се изнакажаа се и сешто во оваа кампања. Затоа, ние секојдневно со граѓаните дискутираме за локални проблеми, не за висока политика, туку за реални и остварливи проекти, потенцираше Милевски.
- Ние од ЛДП и ДОМ со многу други луѓе надвор од партиите, бираме да живееме нормално во нашиот град и нашите општини. Затоа, нашите кандидати за советници ги нарековме чувари на општините кои ќе не чуваат од неконтролирано градење, нечист воздух и уништено зеленило, додаде Морачанин.