Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе ја анализира состојбата со цената на лебот и ќе преземе мерки доколку се утврди дека има неоправдано зголемување, посочувајќи дека во спротивно ќе следуваат санкции.
„Ја анализираме состојбата и денеска во текот на денот ќе имам состанок на оваа тема. Ќе го видиме инпутот и да видиме дали врз основа на тој инпут којшто тие го декларираат навистина има потреба од такво зголемување. Доколку има потреба, тогаш ќе кажеме да има потреба и ќе преземеме мерки, а доколку нема потреба, тогаш тие коишто девијантно и непазарно се однесуваат ќе бидат изречени глоби“, изјави Мицкоски.
Во однос на предлозите за намалување на данокот на додадена вредност за храна, премиерот оцени дека станува збор за мерки што Владата ќе ги разгледува согласно состојбите, а не за иницијативи на опозицијата.
„Не се тоа опозициски предлози. Тоа се мерки коишто во зависност од состојбата ние ќе ги влечеме. И апсолутно некредибилна опозиција којашто кога беше влада седум години имаше можност да покаже што знае и што умее, а таа покажа само криминал, понижување и национален срам и предавства. Нема кредибилитет во моментот да зборува“, изјави Мицкоски.
Тој упати и предупредување до јавноста да биде внимателна кон изјавите од опозицијата.
„Јас ја предупредувам македонската јавност да внимава се она коешто доаѓа од, би рекол, реториката на дел од опозициските политичари, бидејќи тоа има многу мал кредибилитет, а многу невистина“, изјави Мицкоски.
Во однос на најавите за раст на инфлацијата, премиерот рече дека ќе го разгледа извештајот, но оцени дека економските показатели се позитивни.
„Јас не сум го видел овој извештај. Баш ќе го погледам во текот на денот. Но, она коешто е факт е дека ако во 2024-та година по економскиот раст бевме во горната половина во Европа, а во 2025-та бевме во првите пет земји во Европа, јас очекувам тој континуитет да биде и оваа година“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека според досегашните податоци, економијата бележи раст во повеќе сектори.
„Имаме раст по апсолутно сите параметри – по туризам, по земјоделски производи, по потрошувачка, по обемот на размена во трговијата, по реализација на капитални инвестиции и така натаму“, изјави Мицкоски.
Во делот на инфлацијата, премиерот нагласи дека таа е во рамки на очекувањата.
„Ние никогаш не рековме под два, туку рековме меѓу два и три проценти. Во јануари беше 3,1 процент, а во февруари падна на 2,9 и беше една од најниските стапки во Европа“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека за март ќе се почекаат официјалните податоци.
„Дали сега ќе имаме во март? Ќе видиме“, изјави Мицкоски.