Алијанса за Албанците, крилото предводено од Арбен Таравари, изрази критички став кон Законот за прекршоци, во кој е опфатен и проектот „Сејф сити“, оценувајќи дека неговата актуелна примена отвора сериозни правни, социјални и уставни загрижености.
Од партијата најпрвин укажуваат дека не се спроведува Законот за употреба на јазиците, особено во делот на службената комуникација со граѓаните. Според нив, известувањата и санкциите што произлегуваат од проектот „Сејф сити“ не се доставуваат на јазиците предвидени со закон, што претставува директно кршење на јазичните права на граѓаните Албанци и, како што наведуваат, е неприфатливо за мултиетничка држава.
Како второ прашање, Алијанса за Албанците бара ревизија на висината на казните и на дозволената толеранција, со цел граѓаните да не бидат неправедно оштетени. Од партијата потенцираат дека безбедноста во сообраќајот е значајна и неопходна, но дека таа не смее да се обезбедува преку непропорционални казни кои директно влијаат врз егзистенцијата и социјалната состојба на граѓаните.
Дополнително, Алијанса за Албанците оценува дека селективната примена на проектот „Сејф сити“ само во неколку градови е неправедна и дискриминаторска. Според нив, доколку проектот навистина има цел да ја зголеми јавната безбедност, тој мора да се спроведува рамноправно на целата територија на државата, а не ограничено само на три градови.
Од партијата бараат надлежните институции итно да ги адресираат овие забелешки, да отворат широка јавна дебата и да обезбедат сите вакви системи и проекти да бидат во целосна согласност со законите, принципот на еднаквост и реалниот интерес на граѓаните.