Сезоната на грип сè уште не го достигнала врвот, но пикот се очекува во следните две до три недели, изјави министерот за здравство Азир Алиу. Тој нагласи дека во овој период традиционално расте бројот на пациенти кои бараат здравствена помош поради грип, но моменталната состојба не е посериозна од претходните сезони.
„Во моментов нема алармантно зголемување на случаите на сезонски грип во споредба со минатите години,“ рече министерот, додавајќи дека ситуацијата внимателно се следи.
Алиу посочи дека годинава е постигнат значаен напредок во вакцинацијата против грип.
„Првпат 77.000 граѓани веќе се вакцинираа против грип. Тоа е најдобриот пристап за создавање заштита на организмот од сезонскиот вирус,“ изјави тој.
Во здравствените установи, според него, останале уште околу 3.000 дози вакцини. Граѓаните не треба претходно да се пријавуваат — вакцинацијата се врши директно во здравствените институции.
Министерот уште еднаш потенцираше дека вакцинацијата е особено важна за ризичните групи — постари лица, бремени жени и здравствени работници.
Изјавите беа дадени по прес-конференција посветена на кампањата за подигнување на свесноста за опасностите од употребата на пиротехнички средства.