Анџелина Џоли во новиот филм „Couture“ внесува лични и емотивни делови од својот живот.
Џоли ја толкува американската режисерка Максин, чиј живот се менува кога заминува во Париз за време на Модната недела.
Патувањето на Максин во Париз се одвива паралелно со важен проект на кој работи, љубовна врска со француски колега и шокантна дијагноза на рак на дојка, за која дознава преку телефонски повик среде работниот ден.
„Вовлечена во љубовна приказна, Максин се наоѓа на длабоко лично патување на самоспознавање кое ја принудува да се соочи со изборите што го обликуваат нејзиниот живот“, се наведува во официјалниот синопсис на филмот.
Темата на филмот е поврзана со приватниот живот на Анџелина Џоли, која во 2013 година беше подложена на превентивна двојна мастектомија, бидејќи е носител на мутација на генот BRCA1 поради семејната историја на болеста. Нејзината мајка Маршелин Бертран почина од рак на јајниците и дојката во 2007 година, а од истата болест починале и нејзината тетка и баба.
Филмот „Couture“ пристигнува во кината по премиерата на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто во септември 2025 година. Во остварувањето, кое Џоли го продуцираше, глумат Ела Румпф, Гаранс Марије, Ањиер Анеј и Венсан Линдон.
Џоли во едно од своите претходни интервјуа за „Варајети“ откри дека за време на снимањето носела еден од ѓерданите на својата мајка за да најде утеха.
„Имам чувство дека ова е многу личен филм. Мислам дека ова веројатно е единствениот филм кој за мене нема чувство дека е филм“, изјави таа.