Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, упати сериозен апел до граѓаните за максимална претпазливост, предупредувајќи дека земјава влегува во период со исклучително висок ризик од пожари поради најавениот топлотен бран.
Според Ангелов, во текот на јули во просек биле регистрирани околу 15 пожари дневно, но благодарение на брзата интервенција на пожарникарите и поддршката од ер тракторите на Дирекцијата, сите пожари биле успешно локализирани и изгаснати.
Тој посочи дека локалните врнежи во изминатиот период придонеле за помал број пожари и го олесниле нивното гаснење, но предупреди дека дождовите завршиле, а претстојните високи температури, ниската влажност на воздухот и променливиот ветер создаваат услови за брзо ширење на пожарите.
„Доволна е само една искра за да настане катастрофален пожар“, предупредува Ангелов.
Тој нагласува дека најголемиот дел од пожарите на отворен простор се предизвикани ненамерно и ги повика граѓаните да не фрлаат отпушоци од цигари, особено од возила во движење, да не палат оган или скара на отворено и во шума, како и да ги исчистат дворовите и викендичките од сува трева и грмушки и да направат заштитен земјен појас околу објектите.
Апел упати и до земјоделците да не палат стрништа, до сточарите да не палат пасишта, а до мајсторите да бидат внимателни при користење алати што создаваат искри. Посебно предупреди и за употребата на плински уреди за плашење птици, кои исто така можат да предизвикаат пожар.
Ангелов ги повика граѓаните веднаш да пријават на 112 или во најблиската полициска станица секое сомнително однесување, како лица што носат запаливи течности, факели, огномети, големи петарди или автомобилски гуми во планински предели.
„Сите што ќе предизвикаат пожар треба да одговараат и да завршат во затвор. Бидете внимателни – доволна е една искра за страшна трагедија“, порача Ангелов.