Апелацискиот суд Скопје ја преиначил затворската казна за Љубе Крстевски, осуден за убиството на кучето Феликс, во парична казна од 1.800 евра.
Според пресудата донесена на 17 февруари годинава, Крстевски, наместо три месеци затвор, ќе треба да плати 90 дневни глоби од по 20 евра, односно вкупно 110.700 денари.
Првично, Основниот кривичен суд Скопје, преку судијката Лидија Петровска, му изрече затворска казна, што беше прва ваква пресуда во Македонија за кривично дело поврзано со убивање и мачење животни.
Во жалбата до Апелација, одбраната на Крстевски тврдела дека кучето било агресивно и дека недостигот на обдукција не дозволува да се докаже причинско-последичната врска со смртта на Феликс.
Судот не ги прифатил тие аргументи, наведувајќи дека кучето не било пријавено како опасно и дека нанесените повреди биле тешки и животозагрозувачки.
Во пресудата се наведува дека Феликс бил во полусвесна состојба, со потрес на мозокот, хематоми, исеченици и крвавење, а извештајот на Лајка потврдил дека кучето починало од последиците на повредите.
Апелација утврдила и дека второобвинетиот Бранко Билбиловски бил свесен дека кучето е живо додека двајцата го врзувале со жица и го влечеле до контејнер.
Сепак, судот оценил дека кај Крстевски постојат олеснителни околности, меѓу кои семејната и здравствената состојба, поради што, наместо затвор, изрекол парична казна.
Случајот со убиството на Феликс предизвика силни реакции во јавноста и протести под мотото „Феликс не беше само куче, туку беше живот“.
Илјадници граѓани потпишаа петиција со барање за построги казни за насилство врз животни и системски мерки за нивна заштита.