Скопје

Решенијата за подобро здравје на граѓаните се и во локалната самоуправа, граѓанскиот и бизнис сектор

Во салата на Советот на Град Скопје денеска (30.11.2018 година, петок), се одржа работилницата на тема „Мрежа на здрави градови“ на која учествуваа Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот, координаторот на проектот ИНХЕРИТ, проф.д-р Драган Ѓорѓев и координаторот на Проектот за здрави населби, Џон Хауи. На работилницата се дискутираше за факторите кои влијаат на здравјето на граѓаните, особено факторот животна средина.

– Европската мрежа на Здрави Градови е дел од Светската Здравствена Организација. Во оваа мрежа се вклучуваат оние градови кои се подготвени да го постават здравјето на граѓаните како приоритет во работата на градските управи. Според Европската мрежа на Здрави градови, на здравјето на граѓаните секогаш битно влијааат и дополнителни фактори како што се условите на домување, состојбата на животната средина, образованието, јавните услуги, социјалната заштита итн. Токму поради ова, решенијата за подобрување на здравјето се бараат и надвор од здравствениот сектор. Мрежата на Здрави градови смета дека решенијата за подобро здравје на граѓаните се и во локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и бизнис секторот – изјави Наумоски.
Тој додаде дека градовите кои се дел од оваа мрежа работат и се вклучени во глобалниот развоен Проект за Здрави градови кој претставува фазен проект и секоја негова фаза трае пет години. Проектот почнал во осумдесетите години од минатиот век и досега се завршени пет фази. Во Европа денес постојат преку 90 проектни градови кои здружено работат на реализација на шестата фаза од проектот, а на глобално ниво проектот вклучува над 3.000 градови.

– Поаѓајќи од ставот за преземање на сеопфатни локални стратегии за здравје и одржлив развој на заедницата заснован на принципот „Здравје за сите”, Градот Скопје се вклучи во Мрежата на здрави градови поставувајќи си цели и задачи за обезбедување на подобри услови за живот на своите граѓани – нагласи Наумоски.

Градот Скопје во насока на обезбедување здрава животна средина и здравје на луѓето во изминатиов период, реализира активности, кои се поврзани со сите области на животот на неговите граѓани: подобрување на квалитетот на воздухот преку преземање на нови 27 мерки во делот на загревањето на домаќинствата и зградите на јавните институции, во делот на сообраќајот, чистотата и зазеленувањето на градот и индустријата. Се приклучивме на Планот за чист воздух на Владата на РМ, за чија реализација ќе се примени систематски пристап во намалувањето на емисиите од сите идентификувани сектори во стратешки испланирани и распоредени мерки, кои ќе имаат за цел намалување на загадувањето на воздухот до 2020 година во Скопје до 50 %; приспособување и ублажување на влијанијата на климатските промени; заштита на постојните и изнаоѓање на нови извори на водоснабдување; заштита на почвите од загадување и санирање и рекултивација на поранешните депонии; заштита од ерозија; поефикасно управување со отпадот преку воспоставување нов систем за подигање, транспортирање и депонирање; збогатување на зелениот фонд на градот преку подигање на нови парковски површини, изградба на зелени коридори, зелени покриви и засадување нови школувани садници на подрачјето на целиот град; за една година се подигнати за 50% повеќе зелени површини споредено со минатата година. Оваа есен приоритет во акцијата за зазеленување се дрворедите, односно реконструкција на постојните и подигање нови. Реконструирани се повеќе паркови, а во наредниов период ќе се подигнат и нови; заштитата на природата преку грижата за уредување на заштитените подрачја; унапредување на условите за јавен превоз и велосипедски сообраќај преку набавување на 40 автобуси на гас и проширување на мрежата на велосипедски патеки (само за една година направени се 12 км велосипедски патеки), како и субвенции за велосипеди и електротротинети; обезбедување бесплатен превоз на инвалидизирани лица и елиминирање на бариерите за нивно непречено движење; социјалната и здравствена заштита што опфаќа обезбедени услови и услуги за стари и изнемоштени лица, бездомници, лица со интелектуална или телесна попреченост и помош во обезбедување подобри здравствени услуги; во областа на образованието е извршена замена на азбестните покриви; поставени се енергетско ефикасни фасади, реконструирани се сите објекти на средните училишта, а во тек е поставувањето прочистувачи на воздухот во секоја училница со што ќе се обезбеди подобрување на условите за престој и учење на средношколците. Обезбеден е бесплатен превоз и унапредени се условите за спорт и физичка култура како во образовните објекти, така и на јавните површини; подигнување на јавната свест преку одбележување денови од еколошкиот календар, организација на Европска недела на мобилност, акции за чистење, уредување и пошумување, промовирање физички активности за различни старосни групи, соработка со Црвен крст за мерење притисок и шеќер на граѓаните и сл.

Здравите градови имаат три важни стратешки начела, тоа се: Мултисекторски пристап, односно прашањето на здравјето не е само проблем на здравствениот сектор, туку и на сите сродни и развојни сектори во општеството; Активно учество на граѓаните, во смисла на организирање самопомош, заемна помош и можност за одлучување за здравјето, што може да го овозможи локалната самоуправа и како трето, но не помалку важно начело – Грижата за здравјето на опкружувањето (биолошко, физичко и социјално опкружување), како право и должност на граѓаните да живеат во естетски и еколошки квалитетно опкружување.

– Почитувајќи ги овие постулати, Градот Скопје заложбите за здрав град ги реализира во тесна соработка меѓу сите негови сектори, активна и непосредна соработка со граѓанскиот сектор, како и со здравствениот сектор заради обезбедување подобри животни услови за сите свои граѓани. Ова, повеќе од причина што Здрав град не е оној кој има постигнато одреден здравствен и еколошки статус, туку град што е свесен за важноста на здравјето на неговите граѓани, неговата состојба и секогаш настојува тоа го подобри. Тоа е оној град кој постојано создава и ја подобрува физичката и социјалната средина и ги проширува ресурсите на заедницата, кој им овозможува на луѓето меѓусебна поддршка во вршење на сите функции и развој на нивниот максимален потенцијал. Тоа е град што е посветен на здравјето и работи на создавање на истото – посочи Никола Наумоски во своето обраќање на работилницата.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток