Спорт

Два златни и еден бронзен медал за каратистите на Макпетрол од балканското првенство во Хрватска

Изминатиов викенд во Дубровник, Хрватска се одржа 19-то Балканско карате  првенство за кадети, јуниори и постари јуниори (У21).

На првенството учество земаа 12 балкански држави со 889 натпреварувачи.

Каратистите на Макпетрол на ова првенство кое имаше и дополнителен критериумски карактер за влез во националната селекција, направија извонреден успех.

Тие успеаја да освојат две златни и еден бронзен медал.

Најуспешен натпреварувач на ова првенство секако е Петар Спасеновски, кој успеа во највозрасната натпреварувачка категорија на постари јуниори (У21  да влезе во финалето и да го освои златниот медал. Неговата доминација беше на многу високо ниво така што во 5 последователни борби ,неговите противници не успеаја да освојат ниту еден поен , а тој освои дури 13 поени.

Абдурахим Идризи е вториот спортист кој успеа да освои златен медал кај јуниорите во категорија -55 кг.

Со бронзен медал се закити Глигор Петков, кој немаше среќа да влезе во финалето, бидејќи при нерешен резултат 1-1, беше неправедно дисфалификуван на само 15 сек, до истекот на борбата.

Бошко Заборски тренер на Макпетрол изјави: „На ова првенство ние заминавме максимално подготвени и бевме решени да направиме голем успех. Сакам да истакнам дека во голема мерка успеавме во планираното. Резултатите секако дека можеа да бидат и поголеми, само ако првиот ден се обезбедеше тренерска Акредитација за уште еден наш тренер, кој ќе ги предводеше докажаните спортистки Моника Пендаровска и Анѓела Мојсовска, кои за жал останаа без медал, иако тие две минатата година беа финалистки.На првенството имаше многу голема конкуренција, правилата дозволуваат од секоја држава да се пријавуваат најдобрите 4 спортисти во секоја тежинска категорија, тој податок  сам по себе зборува дека многу тешко е да се освои медал на ова натпреварување. Бидејќи ова првенство имаше и критериумски карактер ние успеавме да избориме 5 (пет) места во репрезентацијата на Македонија, која ќе земе учество на Европското првенство во месец фебруари 2019 година во Данска. Тој момент за нас беше и најважен како краен резултат од ова натпреварување“ – заврши Заборски.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток