За да го одбележи јубилејот – 20 години постоење, Скопското астрономско друштво најави изложба на астрофотографии насловена “20 години низ објективот на Скопското астрономско друштво“. Изложбата, поддржана од Министерството за култура и Министерството за одбрана, ќе биде отворена на 7 декември во 20 часот во Домот на АРМ.
Скопското астрономско друштво на изложбата ќе ги презентира најновите астрофотографии, изведени во разни техники за фотографирање на ноќното небо и небесните објекти. Покрај астрофотографијата, Скопското астрономско друштво (САД) е познато како важен двигател на неформалното образование во државата, како и важен глас за популаризација на науката, посебно астрономијата и астро-физиката. Во изминатите две декади, одржани се бројни курсеви по астрономија, стотици предавања и теренски набљудувања за сите љубители на астрономијата.
САД активно соработува и со Македонското астрономско друштво, Битолското астрономско друштво, Младинскиот Културен Центар, астрономско друштво од Охрид, како и со многу поединци кои го делат заедничкиот интерес. Успешна соработка имаат и со повеќе организации и здруженија од странство, како IMO (International Meteor Organisation – Меѓународна метеорска организација), Астрономски Магазин (интернет списание од Србија), АД Инфинитум од Загреб (ХР), АД Руџер Бошковиќ од Белград (Србија), АД Алфа од Ниш (Србија) и други.
Изложбата ќе биде отворена во Домот на АРМ до 16 декември. Влезот на изложбата, вклучително и на отворањето, е слободен.
