Денеска во ООУ „Александар Македонски“ го почна проектот „Превенирање на насилното однесување во основните училишта“ во организација на Општина Аеродром и Институтот за европски образовни, социокултурни и економски политики – Европа за тебе.
Во рамките на проектот ќе се одржат три семинари, на кои реномирани универзитетски професори ќе им помогнат на наставниците од одделенска и од предметна настава, како и на стручните соработници од основните училишта на територијата на Општина Аеродром преку интерактивна дискусија да ги надградат своите знаења и да разменат искуства.
Целта на проектот е наставниците во основните училишта да се стекнат со ефикасни стратегии за полесно препознавање на насилни ситуации во нивните училишта.
„Насилството меѓу учениците е едно од најактуелните глобални феномени присутни и во Македонија“, изјави на почетокот на семинарот проф. по правни науки, д-р Дејан Мицковиќ, и додаде дека најдобар пристап за справување со овој проблем е превенцијата.
Да се превенира насилството меѓу учениците е пораката и на проф. по педагошки науки, д-р Елизабета Томевска-Илиевска, бидејќи, како што рече, Македонија е земја во која насилството е секојдневие. Додека професорката по социолошки науки, д-р Татјана Стојаноска Иванова, посочи дека семинарот е посветен на психолошките аспекти на овој присутен проблем во училиштата и дека во текот на дискусијата ќе се разгледаат и европските искуства и практики во превенирањето на оваа појава.
Другите теми што ќе се обработуваат во текот на семинарот се правата на децата, правни, социолошки, психолошки и педагошки аспекти на насилството и малтретирањето (булингот) во училиштата, психолошки последици од изложеноста на малтретирање и насилство во училиштето и можности за нивно рано препознавање и превенција, позитивни европски практики за намалување на насилството во училиштата, како и наоди од најнови релевантни истражувања спроведени кај нас и пошироко.