Македонија

Екологистите: „Планот за чист воздух“ е нереален, неконкретен и без прецизни рокови

Иако сметаат дека е добро што Владата го препознала проблемот со аерозагадувањето како сериозен и усвоила план како да почне да се справува со него, екологистите сепак велат дека владината програма за борба со аерозагадувањето наречена „План за чист воздух“, за чие што финансирање во Собранието беше одржана и донаторска конференција, не дава прецизни одговори кои чекори се приоритетни, со која динамика ќе се реализираат предвидените активности, колку пари ќе се потрошат за која намена и какви ефекти од секоја конкретна мерка се очекуваат.

Од „О2 Иницијативата“ на својата Фејсбук-страна објавија глобална анализа на содржината на владината програма за борба против аерозагадувањето.

„Премногу често, мерките најавуваат воопштени активности како „зголемено, зајакното, зачестено, воведување, стимулирање, примена, измени”, но нема конкретно наведни активности точно за колку зголемено, за колку зајакнато, колку зачестено, како точно ќе се спроведе, тоа што се планира да се воведе, како точно ќе се стимулира, кои точно модели ќе се применат, кои ќе бидат законските измени и што тоа значи конкретно, кои се импликациите од тие измени“, се вели во анализата на „О2 Иницијатива“.

Од таму додаваат дека Планот за чист воздух наведува на заклучок дека не се направени потребни анализи, не е изготвен детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.

Тие велат и дека во програмата нема конкретни одговори како ќе се овозможи приклучување на индивидуални домови на топловодната или на гасоводната мрежата, а во своите домови треба да извршат градежни активности за поставување инсталација, радијатори, кога ќе се намали ДДВ за парно греење, како ќе се спроведе одлуката за забрана за продажба на јаглен за греење, како ќе се спроведе поефикасна инспекциска контрола, што подразбира планираниот „зимски режим на сообраќај“, како Владата ќе ја подигнува еколошката свест и други дилеми.

Од невладината „Еко-Свест“, пак, велат дека сепак е за поздравување тоа што за првпат Владата воопшто излегува со стратегија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.

„За прв пат имаме план со планирани финансиски средства за негова реализација. Но, важно е како и дали оваа стратегија ќе се спроведе и колку ќе биде ефикасна“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на „Еко-Свест“ и додава дека неопходно е еколошките граѓански здруженија будно да го следат нејзиното спроведување.

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули пред донаторската конференција повторно ги повика невладините еколошки здруженија да работат на кампањи за информирање на граѓаните кои користат загадувачки материјали каков што е јагленот за загревање на домовите, по угледот на нивни колеги од други европски земји.

Екологистите сметаат дека не е доволно Владата само да декларира вакви мерки и да ги повикува невладините да работат на подигање на јавната свест.

„Токму граѓанскиот сектор упорно инсистира на соработка со Министерството за животна средина и со Владата, но сега не сме консултирани за начинот на реализација на овој аспект од владината програма“, вели Чоловиќ Лешоска од „Еко-Свест“, додавајќи дека за такви кампањи требаат пари, а не само нивна волонтерска работа.

За „О2 Иницијатива“ ова е уште една непрецизно осмислена мерка која покажува дека отсуствува детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.

„Какви ќе бидат едукативните кампањи, директни, преку медиуми? Кој ќе ги спроведува овие кампањи? Под чиј надзор?“ прашуваат од „О2 Иницијатива“.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток