Ветуваме и исполнуваме, со оваа реченица Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу го опиша пуштањето во употреба на новиот и реконструиран капацитет на Бит пазар.
-Со 630 тезги, 175 локали и 220 места за паркирање, Бит Пазар доби нов модерен изглед, но слободно можам да кажам дека стана и мултифункционален центар. Денес сме сведоци на успешна инвестиција во нашата Општина Чаир, која тежи не помалку од 250 милиони денари. Оваа инвестиција е крајно добредојдена за нашите граѓани, за нашиот Чаир, за бизнисите што ќе работат тука. Но, она што дава уште поголема тежина се создадените паркинг места кои ќе помагаат многу во олеснување на сообраќајот, рече Ганиу.
Тој му честиташе на АД Скопски пазар за реализација на развојната и инвестициската програма на Бит пазар, бидејќи како што рече, ваквите инвестиции значат економски напредок, унапредување на благосостојбата, отворање работни места – или накратко кажано, значат подобар живот во нашата општина.
-Бит пазар, како неделив дел од срцето на Општина Чаир – Старата чаршија – денес е најатрактивниот деловен центар, за кој сум сигурен дека ќе ги задоволи потребите на потрошувачите и на оние што даваат услуги, додаде Ганиу. Тој исто така информираше дека во Бит пазар секојдневно на пазарот циркулираат околу 20.000 граѓани и се смета за најголем и најмодерен пазар во Северна Македонија, но и за економска артерија не само за Чаир, туку и за целиот град Скопје.
Пуштањето во употреба на новиот и реконструиран капацитет на Бит пазар се реализираше денеска во присуство на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерите Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски, министерот за економија Крешник Бектеши, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа и раководството на АД „Скопски пазар“.