Магазин

Јапонската принцеза се откажа од наследството, ќе живее во Њујорк

Принцезата Мако ги шокираше членовите на нејзиното семејство, но и граѓаните на Јапонија, кога одби милиони наследство и избра нов живот за себе. И покрај строгите правила на кралското семејство, таа одлучи да се пресели во Њујорк и да почне да живее заедно со својот вереник Кеи Комуро.

Износот од околу 150 милиони јени (1,3 милиони долари) се доделува како утешна компензација за жените од империјалното семејство на Јапонија поради законот кој им наложува да се откажат од царскиот статус по бракот.

Дваесет и деветгодишната принцеза Мако е првата жена што се омажи без традиционална јапонска церемонија и нема да го добие надоместокот што ѝ следи.

Овој чин е конечната потврда за нејзината голема љубов кон Кеи Комуро, што предизвика многу спротивставени мислења во Јапонија.

Во септември 2017 година, беше објавено дека принцезата Мако се верила со мистериозен дечко кого го запознала додека студираше во Токио.

Среќата на саканата принцеза беше прекината само пет месеци подоцна, кога веридбата беше одложена поради наводниот финансиски спор помеѓу мајката на Комуро и нејзиниот поранешен свршеник.

Скандалот настана кога поранешниот свршеник на мајката на Комуро објави дека му должи пари што ги позајмил за образование на избраникот на јапонската принцеза. Станува збор за 4,3 милиони јени (40.000 долари), но Комуро и неговото семејство остро ги негираа овие тврдења.

Комуро издаде обемна изјава во обид да го објасни скандалот што го потресе неговото семејство и понуди да ја врати споменатата сума на пари, иако смета дека одговорноста во овој случај не може да биде негова.

Принцезата Мако претрпе медиумски притисок поради наводните долгови на нејзиниот вереник, а јавноста не беше воодушевена од идејата таа да се пресели во Америка и да започне живот таму со маж кој не е достоен за неа. Притисокот не успеа да наштети на нивната љубов, па среќниот пар веќе некое време се подготвуваше за свадбената церемонија.

Таткото на принцезата Мако, престолонаследникот Фумихито, срамежливо го поддржа овој брак и истакна дека јавната поддршка е важна за сите членови на семејството.

– Ја одобрувам нивната венчавка. Уставот вели дека бракот може да се заснова само на меѓусебна согласност на маж и жена. Ако навистина го сакаат тоа, мислам дека тоа е нешто што треба да го почитувам како родител – рече Фумихито.

Одлуката на двојката да ја прекрши традицијата го привлече вниманието на јавноста кон иднината на јапонското кралско семејство, особено контроверзното правило дека само мажите можат да го наследат престолот.

Поради моменталната ситуација со принцезата Мако, јапонската влада ја разгледува можноста да им дозволи на жените да го задржат својот статус дури и по бракот. Сепак, конзервативците се против оваа идеја, бидејќи според многумина, државата може да ја водат само мажи.

Во меѓувреме, принцезата Мако одлучи да ја прескокне церемонијата на свршувачката за време на која се разменуваат подароци. Се очекува новиот брачен пар да не се сретне со сегашниот владетел Нарухита и неговата сопруга Масако.

На почеток