Медиасет

Куќата на Ал Капоне пред уривање

Куќата на југот од американската сојузна држава Флорида, којашто речиси 20 години му припаѓаше на познатиот гангстер Ал Капоне, планирано е да се урне.

Како што пренесува „Мајами хералд“, новите сопственици на куќата со девет соби во Мајами Бич имаат намера да ја урнат, откако летово ја купиле за 10,75 милиони долари.

Еден од сопствениците, Тод Глејсер, изјавил за „Мајами хералд“ дека куќата, која се наоѓа на околу еден метар под нивото на морето, е оштетена од поплавите и подземните води, пренесе АП.

Новите сопственици планираат да изградат нова двокатна куќа, со осум соби, осум бањи, џакузи, спа-центар и сауна.

– Оваа куќа обично е ѓубре. Тоа претставува срамота за Мајами Бич – додал Глејсер.

Сосопственик на куќата е деловниот партнер на Глејсер, Нелсон Гонзалес – градежен инвеститор, претприемач и потпретседател на „Бекшир Хатавеј хоум сервис“.

Ал Капоне ја купил куќата во 1928 година за тогашни 40.000 долари и често престојувал таму.

Трите внуки на Капоне планираат да продадат и 174 предмети од својот дедо на аукцијата на 8 октомври во аукциската куќа „Витерелс“ во Сакраменто, додава АП.

Капоне, познат како Скарфејс, почина од компликации од мозочен удар и пневмонија во јануари 1947 година во неговата вила на Палм ајленд, Флорида. Имаше 48 години.

На почеток