Свет

Талибанците бараат поддршка од Германија, ги поканија Русија, Кина и Турција на церемонија за претставување на новата влада

Талибанците, кои ја презедоа власта во Авганистан на 15 август, повикаа голем број земји, вклучувајќи ја и Русија, да бидат дел од настанот за објавување на составот на новата авганистанска влада.

Неименуван талибански извор ја потврди оваа информација за катарска Ал Џeзира.

„Им доделивме покани на Турција, Кина, Русија, Иран, Пакистан и Катар да бидат дел од церемонијата кога ќе биде објавен составот на новата авганистанска влада“, рече тој.

Портпаролот на Талибанците, Забинула Муџахид нагласува дека новата влада во Авганистан, која допрва треба да се воспостави, сака добри односи со Германија и дека би сакала да ја прими германската канцеларка Ангела Меркел во Кабул.

Во изјава за „Билд“, тој рече дека е воспоставен специјален пратеник за европските земји, Мавлави Абдула Васик, кој има контакт со бројни земји, меѓу кои е и Германија.

– Претставници на Германија беа во нашата политичка канцеларија во Доха. Ние постојано укажуваме дека сакаме ново поглавје и добри дипломатски односи – подвлече тој.

Муџахедините велат дека Талибанците би биле среќни доколку Германија ги поддржи, и потсетува на добрите економски и дипломатски односи што двете земји отсекогаш ги имале. Тој посочи дека Талибанците не предизвикуваат никакви проблеми за Авганистанците кои работеле за Германија и за други земји и дека ќе се грижат да можат безбедно да живеат.

На почеток