На вонредната седница на Владата, министрите за внатрешни работи и за здравство информираа за досега утврдената состојба од пожарот со трагични последици и истакнаа дека увидот за утврдување на причините продолжува и денеска.
Во оваа насока Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок.
Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово.
