Министерот за здравство Венко Филипче на почетокот на прес-конференцијата се извини што доцна во текот на денот излегуваат со информации.
„Се уште трае истрагата и затоа замолувам да имаме трпение и да ги чекаме наодите. Повторувам, замолувам. Како министер и човек барам сите наоди да бидат презентирани во јавноста. Од одговорност никој нема да биде изземен ако истрагата тоа го утврди. Во тетовскиот ковид центар, имало двајца лекари, четири медицински сестри и 24 пациенти. 12 пациенти кои се евакуирани се во стабилна здравствена состојба, нема починати и повредени здравствени работници, а на судска медицина се предадени телата на 14 пациенти. Починатите се од 29 години до 79 години. Освен класичните обдукциони наоди, ќе се прават и ДНК анализи“, рече Филипче.
За Филипче, важно е да се утврди како биле одржувани модуларните објекти каде беа сместувани пациенти. За квалитетот, министерот рече дека интерниот увид покажал дека сите имаат сертификати за квалитет.
