Свет

Хрватска воведува задолжителен ковид сертификат за вработени во здравството

Од 1 октомври лекарите, медицинските сестри, но и немедицинскиот персонал ќе можат да доаѓаат на работа исклучиво со дигитален сертификат, пишува денеска хрватскиот Вечерњи лист.

Дозвола може да се добие врз основа на еден од трите услови, а тоа се вакцинација, надминување на болеста или негативен тест за ковид.

Министерот за здравство Вили Берос за Јутарњи лист рече дека со недели разговарале за воведување на сертификатот за ковид, а официјалната одлука ќе биде донесена следната недела.

– Самиот вовед треба да биде на почетокот на октомври. Меѓутоа, за таква организација е потребно време. Мораме да одржиме состаноци со раководствата на болницата, и на крајот, вработените ќе имаат време да одлучат за најдобрата варијанта, вакцинација – објаснува Берос и додава дека набавката на тестови за вработените е во тек.

Во првата фаза, тестирањето за вработените ќе биде бесплатно, а планирано е по месец и пол или два, тестирање да се спроведе на сопствен трошок. Иако повеќето веруваат дека тестирањето требало веднаш да им се наплати на вработените, бидејќи се очекува медицинскиот персонал да биде вакциниран, Берос одлучи да даде време за прилагодување.

– Иако би било оправдано, јас не сум веднаш за таков чекор. Мислам дека мора да им овозможиме на сите да размислат повторно и да се вакцинираат – смета Берош.

Според последните податоци на Министерството за здравство, заклучно со 6 септември, 60,67 проценти од вработените во хрватскиот здравствен систем се вакцинирани со две дози, а 33,56 проценти не примиле ниту една доза.

На почеток