Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи организираше прием за поединци и претставници на институции кои помагале при пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември и спречиле трагедијата да биде уште поголема.
Во зградата на Општината дојдоа лекарите и медицинскиот персонал кој вечерта работеле во монтажниот објект, како и пожарникари, полицајци, војници.
„Во изминатите денови сите бевме погодени од ужасната трагедија која се случи на 8 септември и тагата е се уште дел од нас и ќе биде уште долго време.. Сите жалиме за оние кои го загубија животот, а денес сите стоиме до семејствата во овие темни и болни денови запишани во историјата на Тетово.
Но, дури и сега, кога се изгледа темно и тажно, не смееме да ја заборавиме светлината. Светлината на 12 -те пациенти кои преживеаја поради храбрите лекари, медицински сестри и граѓани кои помогнаа да се евакуираат овие пациенти од овој огнен пекол. Пожарникарите, кои го гаснеа пожарот брзо и професионално и со тоа спречија опасност за уште повеќе луѓе. И нашата полиција која го обезбеди местото и го одржуваше редот во ваква чувствителна и опасна ситуација заедно со армиските сили.
И, исто така, сакам да ја споменам Исламската верска заедница и сите оние кои стоеја покрај нивните семејства и уште ги поддржуваат што е можно полесно да ја надминат оваа трагедија.
Вашата храброст, професионалност и солидарност ни даваат надеж и светлина во овие темни денови. Денес е вашиот почесен ден. Сакам да ви се заблагодарам од срце во име на преживеаните, но и во име на целиот наш град. Знам дека во овие неколку дена, не можевме да ги идентификуваме сите оние што помогнаа и не сите се тука денес, но нашата благодарност е до сите оние што придонесоа да се спречи оваа трагедија да биде уште поголема.
Никогаш нема да ги заборавиме жртвите од 8 септември, но исто така секогаш ќе ги паметиме делата на сите вас кои помогнавте и не се штедевте во оваа трагедија. Тетово и целата нација се горди на ВАС“, вели Арифи.