Коронавирус

Кон: Доцна е за ковид-пропусници, време е за затворање

Србија размислува за воведување ковид-пропусници, но епидемиологот Предраг Кон вели дека поминало времето кога ковид-пропусниците би дале ефект. Во овој период кога во Србија секојдневно се заразуваат над 7,000 луѓе, епидемиологот вели дека е време за затворање, односно за ограничување на несуштинските активности и скратување на работното време.

Тој вели дека мерката со воведување на ковид-пропусници е задоцнета, но таа мерка ќе дала резултати доколку била воведена пред неколку месеци.

Кон спомена дека за време на летниот период, кога се одржуваа и настани од културата и концерти, имаше некаква контрола, бидејќи беше задолжително тестирањето на ковид, но сепак, колку тие во практика се спроведувале не може точно да се знае.

– Ние дискутиравме за воведување ковид-пропусници уште во мај и тоа на барање на локалната самоуправа од Белград, но тогаш се зборуваше дека тоа е неуставно и дискусијата заврши. Сега единствено би можело да се воведе таква пропусница за несуштинските активности како забави, прослави. Но, сега единствената алтернатива на ковид-пропусниците е затворање, односно ограничување на тие несуштински активности, скратување на работното време. Практично, сè она што го имавме како рестриктивни мерки, освен воведување на полицискиот час – рече епидемиологот Кон.

Кризниот штаб на Србија размислува за воведување ковид-пропусници, но сè уште нема детали.

Во последните 24 часа, во Србија се потврдени 7.602 нови случаи на коронавирус. Има 31 починат.

На почеток