Свет

Заврши изолацијата на Путин, следи средба со Ердоган

Средбата на рускиот претседател, Владимир Путин, со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган, што ќе се одржи подоцна денеска во Москва, значи дека Путин ја прекинува двонеделната самоизолација во која влезе поради контакт со неколку лица заразени од коронавирусот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Денешната средба со Ердоган може да се смета за излез на Путин од самоизолација“, рече Песков одговарајќи на прашање на новинарите на брифингот во Москва, а пренесува ТАСС.

Путин почна со самоизолација пред две недели поради контакт со неколку луѓе од неговата околина, кои биле позитивни на Ковид-19.

Како што претходно објави Песков, Путин денеска ќе се сретне со Ердоган, но на повеќето други разговори или самити ќе учествува преку видеоврска.

Тој прецизира дека средбите на Путин ќе бидат онлајн од превентивни причини поради пандемијата.

На почеток