Сите 39 рудари, кои од неделата беа заробени во рудник за бакар, никел и скапоцени метали во Канада, се спасени и сите се во добра здравствена состојба, соопшти денеска компанијата „Вале“, која управува со рудникот.
Раководството на рудникот претходно потврди дека несреќата се случила кога рударско-шинско возило излетало од шините и го блокирало тунелот, пренесува „Ројтерс“.
По тоа, вработените се засолниле во длабочините, од каде што одржувале комуникација со компанијата и имале резерви храна и вода.
Компанијата „Вале“ објави дека спасувачките екипи успеале да се пробијат до рударите на разни локации во рудникот на длабочина од 900 и 1.200 метри, пренесе агенцијата АП.