Пред платото во Т.Ц. „Бисер“ вечерва се одржа акција за подигнување на јавната свест кај жените за борба против ракот на дојка. Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за општина Аеродром, Александар Филиповски, носителот на советничката листа на СДСМ и коалицијата, д – р Александар Трајановски и потпретседателот на СДСМ, Венко Филипче доделија рози и едукативни пораки на жените кои се движеа во овој дел
од општината.
Активноста е во рамки на Race for the cure, најголемиот настан во Европа посветен на здравјето на жените и подигнување на свеста за ракот на дојката. Присутните разменија и мислења за важноста од редовни прегледи, затоа што превенцијата е половина здравје. Александар Филиповски истакна дека сите треба да дадеме поддршка за поголема здравствена заштита на жените.
– Навиките се стекнуваат од рани години. Затоа во нашата програма имаме мерки и за поголема соработка на основните училишта со граѓанските организации и институциите. Преку прилагодени игри и активности може да придонесеме за подобро ментално здравје кај новите генерации, но и да бидат посвесни за потребата од водење на здрав и балансиран живот. Само со здрави навики и информираност може да ги спречиме болестите, истакна Филиповски.
Филипче ги истакна мерките кој ресорното министерство ги презема за заштита на жените од ракот на дојка.
– Во нашата земја, повеќе нема пациент со малигна болест за којшто не е обезбедена најквалитетна биолошка терапија и можност за скрининг во повеќе центри низ земјата. Покрај лекувањето, пациентите имаат и психолошка поддршка која е една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите, рече Филипче.