Околу двесте американски службеници и членови на нивните семејства се погодени од синдромот Хавана, за кој американската дипломатија го користи терминот „абнормален здравствен настан“.
Според тврдењата, тие се разболеле од мистериозна болест, чии симптоми се мигрена, гадење, нарушување на меморијата и вртоглавица, пишува Ројтерс.
Повикувајќи се на сегашни и поранешни американски политички претставници, Волстрит Џурнал пишува дека ЦИА во последните недели евакуирала разузнавач кој оперирал во Србија и кој претрпел сериозни последици од невролошки напади, познат како „синдром на Хавана“, пренесува Дојче веле.
Инцидентот на Балканот, за кој, како што наведува американскиот весник, не беше објавен претходно, е последен во серијата слични случаи за кои постои сомневање дека се напади со помош на некој вид насочен извор на енергија.
Според вестите на Ројтерс, ЦИА го повлече шефот на својот кабинет во Виена, откако критиките за неговата работа станаа гласни. Новинската агенција се повикува на Вашингтон пост, а овој весник повторно се повикува на неименувани извори од самата тајна служба. Поранешниот шеф наводно дал несоодветни изјави за „синдромот Хавана“, кој често се случуваше кај американскиот дипломатски персонал во Виена. Уште во јуни, австриското Министерство за надворешни работи вети дека ќе помогне да се расветлат овие настани, но до ден денес, јавноста не дозна дали ветувањето е исполнето.