Експлицитни приватни фотографии и видеа на жени и девојки се објавуваат на неколку социјални мрежи. Фотографиите се преземени од јавните профили, но и од приватни разговори на засегнатите. Лицата ги уценуваат и им се закануваат на жртвите, а упатуваат и повици за да ги обелоденат, како што велат тие, „нечесните жени“, пишува ТВ 21. Целта на тоа, според активистката за правата на жени, Салија Бекир Халим, е валкање на честа и репутацијата на жените. Откако таа го крена гласот, беше објавена и нејзина слика.
Од МВР се известени за случајот и моментално работат на приведувања. Велат дека во текот на пандемијата ова појава видно се зголемила и додаваат дека најчести жртви се жените, а најмногу младите девојки. За ова, полицијата на Северна Македонија во соработка со полиција на Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ја започна кампањата „Кажи не“, која има за цел борба против сексуалната злоупотреба на интернет.