Свет

ЕУ бара нулта толеранција за алкохол

Во резолуцијата на Европскиот парламент за безбедност на патиштата во ЕУ, усвоена во средата со 615 гласови „за“, 24 воздржани и 48 „против“, се забележува дека во Унијата секоја година околу 22.700 луѓе го губат животот во сообраќајни несреќи, а околу 120.000 се тешко повредени.

Напредокот во намалувањето на стапката на смртност во сообраќајот во ЕУ стагнира во последните години и Унијата не ја исполни својата цел за преполовување на бројот на смртни случаи помеѓу 2010 и 2020 година (стапката на смртност во сообраќајот на патиштата падна за 36%), се наведува во извештајот.

Според податоците на Европската комисија, Шведска и натаму има најбезбедни патишта (18 смртни случаи на милион жители), а Романија е на последното место и во 2020 година забележала 85 смртни случаи во сообраќајот, на милион луѓе.

Европските пратеници предупредија дека пребрзото возење е клучен фактор во околу 30% од фаталните сообраќајни несреќи.

Тие сметаат дека Комисијата треба да препорача примена на безбедни ограничувања на брзината, како на пример по автоматизам да постои мерка за максимално ограничување на брзината на 30 километри на час во станбени подрачја и области со многу велосипедисти и пешаци.

За понатамошно унапредување на безбедноста на патиштата, пратениците исто така инсистираат на нулта толеранција за возење под дејство на алкохол, истакнувајќи дека алкохолот е присутен во околу 25% од сите смртни случаи на патиштата.

Европратениците додаваат дека треба да се понудат даночни олеснувања и атрактивни пакети за осигурување за купување автомобили со највисоки безбедносни стандарди.

Тие се залагаат и за поголеми инвестиции во инфраструктурата што ќе овозможи безбедност на патиштата и сметаат дека фокусот треба да биде на областите со најголем број сообраќајни несреќи.

Земјите-членки се повикуваат да формираат национални фондови за безбедност на патиштата, со кои кои парите од собраните парични казни ќе се насочат во проекти за безбедност на патиштата.

За правилно спроведување на следните чекори во политиката на безбедност на патиштата во ЕУ, европратениците ја повикуваат Комисијата да формира европска агенција за патен транспорт за поддршка на одржлив, безбеден и паметен патен транспорт.

На почеток