Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а „подгревање“ на инфлациските движења не е потребно, порача вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска, во гостување на емисијата „Утрински брифинг“.
„Причината за побрзиот раст на цените во првите девет месеци годинава од 2,8%, во однос на очекувањата за раст од 2,2% за целата година, се на страната на понудата. Тоа се должи, пред сѐ, на повисокиот раст на цените на енергенсите на глобално ниво ‒ цената на нафтата и гасот, што доаѓа по високиот пад на цените минатата година и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување, како резултат на пандемијата“, вели Нацевска.
Таа додава дека нема простор за паника од инфлација.
„Простор за паника од инфлација нема, но треба да се однесуваме одговорно и не треба неосновано да се создаваат ценовни притисоци онаму каде што нема потреба, бидејќи тоа ќе се одрази на целата економијата. „Подгревањето“ на инфлациските очекувања е нешто што може да доведе до раст на цените. Во вакво сценарио, централната банка реагира преку монетарната политика, вклучително и со раст на каматната стапка, што сепак не е пожелно во услови кога нема нерамнотежи, а на економијата сѐ уште и е потребна поддршка за закрепнување од пандемијата ‒ вели Нацевска.