Одлични концерти на пијанистката Јасмина Трајчевска, професорка по пијано на ДМУ Илија Николовски Луј од Скопје, по повод нејзиниот јубилеј 20 години концертна активност.
Таа ги изведе делата на композиторката и челистка Билјана Бојовиќ Божиновска, која потекнува од Македонија, но живее и твори во Калифорнија, САД. Дела создавани преку океанот, со инспирации од Македонија. Композоторката беше во публиката, а таа емотивна средба на композитор и репродуктивен уметник, ретко се случува.
– Чувството кога се изведува дело на еден композитор е прекрасно, испреплетено со голема возбуда, емоции на среќа,радост и голема одговорност спрема композиторот и неговата работа. Морам да напоменам дека јас бев толку среќна што ја гледам во публика мојата блиска другарка и колешка Билјана Бојовиќ,во секоја нота и фраза ги чуствував нејзината желба и емоции за нашата балканска музика, срцето ми чукаше во метарот и ритамот на делата, дишиме и мислиме во ритамот на нашето поднебје богато со голема историја и елементи од фолклорната музика, истакна пијанистката Трајческа.
Нивната соработка започнува од средношколски години како другарки, а потоа им се разделуваат животните патишта за да по многу години повторно ги спои оваа соработка.
– За композиторот е посебна привилегија да се слушаат створените дела во живо. Како и со секоја композиција, човек мора да е спремен да чуе различни интерпретации на своите дела, но во тоа е и убавината на музиката, која и колку да е иста, сепак е неповторлива. Вистина е возбудливо да се слушаат делата во живо и да се пратат импресиите на изведувачите и на публиката. Композиторот кога твори, и самиот е понекогаш изненаден со она што го пронајдува во себе и тоа го чувствува како подарок. Благодарејќи им на изведувачите, тој подарок може да се подели со слушателите. Колку што е интересен процесот на компонирање, толку интересен е и дијалогот меѓу делото и слушателот. Плодот на тој дијалог во срцето на слушателот, размислувањата на кои го поттикнуваат, начинот на кој го оплеменува, е уште едно ново и најдрагоцено и бесценето дело. Како и со сѐ што е највредно, овој сегмент на творештвото често останува тајна за композиторот, ама таква тајна за која вреди да се живее и твори, истакна Билјана Бојовиќ-Божиновска.
Првиот концерт со изведба на ова дело на Бојовиќ-Божиновска, пијанистката Јасмина Трајческа премиерно го изведе во Брно на ЈАМУ во склоп на едно нејзино истражување за пијанзмот во Чешка, потоа во Љубљана на Факултетот за музичка Уметност, за да следната година на сред пандемија го постигна најголемиот успех во Љубљана на покана на фестивалот Имаго Словенија.
Композиторката Божиновска при оваа посета на родната земја раскажуваше и за тоа како американската публика ја прифаќа музиката која доаѓа од овој простор на светот.
– Во моето искуство, американската публика е секогаш интригирана со влијанието од балканските мотиви во мојата музика. Често ми пријдуваат луѓе од публиката кои се љубопитни да дознаат повеќе за нашата музика или со луѓе кои препознале мотиви кои ги слушнале во фолклорната музика ако патувале низ нашите простори. Публиката често не ја разбира, но длабоко ја чувствува музиката. Ова е само доказ дека сѐ што е вистински автентично е универзално, па е така и со музиката инспирирана од нашето народно предание, која е универзален јазик што надминува секакви географски граници, објасна таа.
Проектот Балканска синтеза е поддржан од Министерството за култура и Словенечка Амбасада во Скопје.