Димитриевски: Ниеден службеник не е деградиран, се прави прераспределба по хоризонтала
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, демантира дека деградирал вработени во општината, туку дека ги распределил по хоризонтала, согласно, како што вели, систематизацијата.
Мартин Костовски, претседателот на СДСМ Куманово, денеска на прес-конференција објави дека Димитриевски деградирал 20 вработени, кои инаку биле членови на СДСМ и негови неистомисленици.
„Тековното работење е во правец на подобрување на самата организација и работат на општинската администрација, што во изминатиот период се покажа како нужно. Ниту еден административен службеник не е деградиран, туку напротив, се прави прераспределба по хоризонтала, што е целосно согласно Законот за административните службеници, а е со цел да се реализираат дури и спроведените унапредувања на службеници, а не уназадувања“, вели Димитриевски во својата реакција.
Тој додава дека со доставените решенија се поставуваат вработените во организациони единици каде претходно е констатирано дека има потреба од стручен и соодветен кадар. Тоа е, вели тој, кадровска политика која и е потребна на општината.