Петличковски: Големата стапка на смртност од Ковид-19 во Македонија се должи на повеќе фактори
Директорот на институтот за имунобиологија, Александар Петличковски, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека големата стапка на смртност од Ковид-19 во Македонија се должи на повеќе фактори, меѓу кои и тоа што ние не сме развиена европска земја.
„Имаме проблем дефинитивно. Смртноста ни е висока споредено со смртноста во развиените земји, ама ние не сме развиена европска земја и имаме недоволно развиен здравствен систем. Сигурно дека коморбидитетите влијаат на зголемување на смртноста. Имаме и дополнителен проблем со неприфаќањето на болеста и нејавувањето навреме. И тоа е сигурно, но имаме и лоши услови во здравствениот систем, немаме ни доволно капацитети и сите елементи комбинирани придонесуваат за оваа висока смртност, која е слична во регионот. Со развојот на државата и здравствениот систем, ќе се подобруваат условите и ќе се намалува смртноста, но во моментот не сме таму“, вели тој.