Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Џорџе Чомба, министер делегиран за европски прашања на Република Романија, кој е во работна посета на Република Македонија.
Романскиот министер Чомба ја пренесе определеноста на неговата земја, којашто од јуни 2019 година го презема претседателството со Советот на ЕУ, за продолжување на проширувањето на ЕУ, како еден од приоритетите за време на претседавањето.
Поздравен е текот на реализацијата на Договорот од Преспа и е констатирано како важно негово целосно заокружување во последната фаза на гласањето во Парламентот. На средбата е посочено дека за една држава е важно што ќе направи, но и што ќе ѝ даде на Европската Унија, а дека Македонија, со начинот на решавањето на билатералниот спор со јужниот сосед, даде вредност на Европа.
Романскиот министер Чобма, најави дека Романија ќе продолжи да ги поддржува позитивните промени во Македонија, како и дека нашата земја може да смета на Република Романија во позитивните евро-атлантски интеграциски процеси. При тоа, тој ги охрабри и реформските чекори во земјава и изрази надеж за позититивен исход од состанокот на Советот на ЕУ во јуни 2019 година.
Премиерот Заев се заблагодари за искреното пријателство од Романија, премиерот и Владата, кон Македонија и повика Република Романија да го задржи фокусот кон интегрирањето на Македонија и на Западниот Балкан кон ЕУ, бидејки тоа ќе значи стабилност и безбедност за граѓаните, но и позитивна промена во квалитетот на живот.
-Се гордееме со Договорот од Преспа, што денес го поддржуваат и големо мнозинство од граѓаните на Македонија, бидејки е модел на решение на билатерално прашање, употреблив и за регионот, ЕУ и светот. Очекуваме околу средината на јануари да биде изгласан во Парламентот со поголем број пратеници и од потребното двотретинско мнозинство. Инклузивно ги носиме и реформските закони, така што очекуваме со двотретинско мнозинство да помине во Собранието и пакетот закони за судството, што треба да овозможат целосно владеење на правото и транспарентно судство.