Скопје

„О2 иницијатива“: Во месноста Пеленица има 8000 тони токсичен отпад, а таму се организираат училишни екскурзии

Од граѓанската иницијатив О2 алармираат дека во околината на Драчево, во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат околу 8,000 тони токсичен отпад линдан, а во Пеленица се организираат многу училишни екскурзии.

„Депонијата е необележана, неоградена и не постои знак кој информира дека на тоа место се наоѓа токсичен канцероген отпад кој влијае и на животната средина, но и на човековото здравје.

Од таму треба да се извадат неколку примероци, да се направи идентификација што има во почвата и потоа соодветно да се обележи и да се огради таа територија со знак за опасност за луѓе, за да не се пристапува таму.

Треба да се формира екипа составена од повеќе институции и да излезе на терен. Има стручни екипи од министерство за одбрана, од МВР кои работат со хемиско, биолошко оружје, опасен материјал кои можат да помогнат во тој дел.

Порано биле научени да го користат линданот како средство против вошки и болви.

Линданот е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките.

Се наоѓа и во подземните води во Лисиче, што значи дека бунарската вода е контаминирана. Најден е во зголемена концентрација и во најновите анализи на земјоделски продукти од Лисиче .

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Линданот се таложи во мастите на организмот, се акумулира и се пренесува преку мајчиното млеко на доенчињата. Ја преминуваат плацентата и го оштетува плодот во развој“, се вели во објавата на Фејсбук.

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток