Маричиќ бара помилување на Сеад Кочан
Министерот за правда Бојан Маричиќ му предложил на претседателот на државата Стево Пендаровски делумно помилување за осудениот бинисмен Сеат Кочан, односно да му бидат укинати последните шест месеци од затворската казна, објави Алсат повикувајќи се на официјален документ од Министерството за правда.
Кочан беше осуден за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик“.
„Да биде делумно ослободен од натамошно издржување затворска казна, односно шест месеци, пишува во документот до кој дојде телевизијата.
„Затворската казна почнал да ја издржува на 01.08.2019 година, а казната му завршува на 01.04.2024 година. Осудениот од изречената казна одлежал две години и пет месеци. Од 01.01.2022 година треба да одлежи уште две години и три месеци затвор“, стои во документот.
Кочан во септември официјално бараше помилување од Министерството за правда.
На прашањето врз што се заснова барањето на министерот Маричиќ за помилување на осудено лице, неофицијално осомничено и за други кривични дела, засега нема конкретен одговор.
Алсат дознава и дека за Кочан се бара да се гони кривично и за злоупотреба на службената положба, поточно за манипулирање со банкарска гаранција од 17 милиони евра кога СЈО бараше гаранција дека Кочан нема да побегне поради кривично гонење. Државниот правобранител побара негово кривично гонење бидејќи и замрзнатиот имот е земен како гаранција, но Граѓанскиот суд го одби барањето со образложение дека доцнењето и грешката на обвинителот на предметот му овозможиле на Кочан да преземе такво дејство и во оваа фаза доцна е да се покрене таква постапка.
Не се знае дали барањето на министерот Маричиќ стигнало до Претседателот и кога тој ќе ја свика Комисијата за помилување, составена од 11 членови.
Доколку биде одобрено барањето за делумно помилување од шест месеци, Кочан ќе остане во затвор уште 20 месеци, мерка која ги исполнува законските критериуми за условно ослободување според член 36 од Кривичниот законик. Сеат Кочан беше осуден откако формираше лажен конзорциум за да конкурира и да го добие тендер за ископ на јаловина во „РЕК Битола“ во висина од 17 милиони евра. Во текот на 2021 година, тој неколкупати користел слободни викенди, пишува Алсат.