Скопје

“Ќе му дојде ли некогаш крај на силеџиствово?“, центарци реагираат за новата зграда кај хотел „Јадран“

Жителите на Центар реагираат за новата зграда од пет спрата која ќе се гради во паркчето кај хотел „Јадран“, на само неколку метри од плоштад Македонија.

„Градоначалнику на општина Центар, срам да ви е! Сте дале дозвола за градење зграда во зелено паркче со димензии 30 х 35 метри, ќе сечете млади дрва и ќе направите карам каша од животите на граѓаните во околните згради. Ни безбедносни правила, ни зеленило и животна средина, ни соседски права, ништо не ве интересира!

Само силеџиство, грабање и да се заработи нешто, а најслатко е кога е на грбот на некој што не ни знае што ќе го снајде. Милион работи не се во ред во ситуацијава, толку се многу што нема ни да почнам да ги редам.

Имаме неколку дена да собереме потписи и да се жалиме, што ќе излезе не знам. Ги прикачувам известувањето што беше доставено до најзагрозената зграда, петиција за собирање потписи за жалба и слика од паркчето.

Ќе му дојде ли некогаш крај на силеџиствово? Само тоа ли знаеме?“, вели Ирена Кацарски Кимова жителка на Центар.

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ велат дека граѓаните ја имаат нивната поддршка и им стојат на располагање за сè што можеме да помогнат во нивната борба за ова зелено парче во срцето на градот!

„Мора сите заедно да се бориме за да му дадеме шанса на Центар да се избори од сите напади за негова целосна бетонизација и дехуманизација.

Дали оваа мала површина е повредна како зеленило или како изградена парцела. Дали може некогаш да се наруши уличниот линиски коридор, кога веќе има стари објекти околу?

Дали може да се компензираат денационализираните парцели“, велат од „Шанса за Центар“.

На почеток