Села: Да се обединиме и ангажираме за да не се повтори оваа тешка и несреќна година
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села со новогодишна честитка
Годината што ја оставаме зад нас беше тажна година, карактеризирана со големи трагедии кои директно ги погодија нашите граѓани, многу болки на колективно ниво и последователни неуспеси на политичко ниво.
Без да навлегуваме во детали на многуте коруптивни афери на режимот и општата разочараност на општеството во овие празнични денови, не можеме а да не се потсетиме на 14-те наши сограѓани коишто живи изгореа во модуларната болница во Тетово и другите 45 сограѓани што ги изгубија животите на ист многу тажен и тежок начин во трагедијата со автобусот во Бугарија. И во исто време, да го повториме нашиот постојан повик за транспарентност околу коруптивните причини коишто доведоа до овие трагедии и за одговорност за изгубените животи.
На политичко ниво, посакуваме европската перспектива на земјата конечно да се одблокира во текот на следната година, надевајќи се дека надворешниот притисок којшто ги придружува преговорите за членство во ЕУ позитивно ќе влијае во воспоставување на клима која го зајакнува владеењето на правото, борбата со корупцијата и слободите на граѓаните. Сепак, пазарењата и игрите направени во име на оваа кауза, како и неодамнешниот удар што и се зададе на правната држава со ослободувањето на Сашо Мијалков токму на денот на добивањето на мандатот на новиот кандидат за премиер, не оставаат простор за надеж во подобрувањето на севкупната политичка клима во земјата.
Затоа, почитувани граѓани, ве повикувам денес да се вратиме во нашите домови, да славиме со претпазливост и внимание за овој празничен ден дополнително да не избледи од поединечни несреќи и трагедии. Ве повикувам заеднички да бидеме посветени, да се обединиме и да се ангажираме за да не се повтори оваа тешка и несреќна година што ја оставаме зад нас.
Честитки од мое име и од името на Алијанса за Албанците, со желба и надеж да имаме пред се здравје, хармонија во нашите семејства, успех на работа и среќа во животот. Нека 2022 година биде година на големи промени, година на живот, на радост и надеж.