Франција со повеќе од 10 милиони заразени со Ковид
Според официјалните податоци објавени денеска, Франција стана шестата земја во светот која потврдила повеќе од 10 милиони луѓе заразени со Ковид од почетокот на пандемијата.
Француските здравствени власти пријавиле дури 219.126 нови случаи во последните 24 часа, а четврти ден по ред во таа земја се заразени над 200.000 луѓе, пренесува „Ројтерс“.
Франција им се придружи на САД, Индија, Бразил, Велика Британија и Русија на оваа листа на земји со 10 милиони потврдени случаи и повеќе.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска предупреди дека следните неколку недели ќе бидат тешки, но не ја спомена потребата од воведување нови, порестриктивни мерки од веќе најавените, нагласувајќи дека владата треба да се воздржи од дополнително ограничување на индивидуалните слободи.
Сепак, Владата денеска објави дека од понеделник носењето маски на јавни места ќе биде задолжително за децата на возраст од шест и повеќе години, во однос на претходната мерка со која се предвидуваше старосната граница да биде 11 години.
Во некои големи градови, меѓу кои и двата најголеми – Париз и Лион, повторно е на сила мерката задолжително носење маски на улиците за сите граѓани.