Индија почна да ги вакцинира децата, оваа недела прва доза ќе примат 3,6 милиони млади луѓе
Денес, Индија започна со вакцинирање на млади луѓе на возраст од 15 до 18 години против корона вирусот, поради стравувањата од сојот омикрон.
Индиските власти денеска пријавија 33.750 нови случаи на ковида-19 и 123 смртни случаи, додека вкупниот број на случаи на омикрон достигна 1.700, соопшти индиското Министерство за здравство. Вакцинацијата, како што беше најавено, ќе се врши во приватни и државни училишта, а на училишните власти им е наложено да ги пријават своите дневни податоци за вакцинацијата до државните органи.
-Децата ќе примаат вакцини во нивните училишта. Тие исто така можат да одат во центрите за вакцинација“, рече Џаи Пракаш Шивахаре, комесар за здравство во индиската држава Гуџарат.
Властите во Гуџарат се надеваат дека ќе ја дадат првата доза на 3,6 милиони деца оваа недела.
– Имаме капацитет и вакцини да опфатиме најголем дел од децата. Апелираме до родителите да соработуваат и да се погрижат децата што поскоро да се вакцинираат, додава Шивахаре.
Индиската влада им дава на децата само вакцината „коваксин“ произведена од „Барат Бајотек“, бидејќи таа е единствената вакцина одобрена за итна употреба за возрасната група од 15 до 18 години, објави минатата недела индиското Министерство за здравство.