Пановски бара укинување на сертификатите и да се скрати периодот на изолација
Микробиологот и професор д-р Никола Пановски вечерва во интервју за Канал 5 излезе со неколку порадикални предлози за тоа како државата да се справи со новиот бран зараза од ковид-19, кој зафати поголем дел од младата популација во земјава, но за среќа, се покажува дека децата поминуваат со полесни симптоми.
-Зимскиот распуст на учениците треба да се продолжи за две недели, а потоа децата да тргнат на училиште без маски, дециден е д-р Никола Пановски.
Тој се залага за укинување на сертификатите.
-Ние треба да бидеме први во светот што ќе ги повлечеме сертификатите кои се голема глупост, немаат никаков ефект и никако медицинско оправдување. Ако не можеме да помогнеме со рестриктивни мерки, тогаш треба да направиме олеснителни мерки. Тргнете ги сертификатите.
Не бидува после свадба тапани. Затоа, како што досега функционираше Комисијата за заразни болести, така нека продолжи и во иднина. Оти, во спротивно, ќе направи штета преку носење небулозни мерки како што беше носењето маска на отворено. Добро би било ако сега можат да го скратат периодот на изолација, препорачува д-р Пановски покрај мерката за повлекување на ковид-сертификатите.