Свет

Ким Џонг Ун видно послаб во најновиот документарец

Севернокорејската телевизија КЦТВ денеска емитуваше документарен филм на кој се гледа дека лидерот Ким Џонг Ун е видно послаб, во борбата против, како што беше речено, тешкотиите што ја снашле таа земја во екот на пандемијата на корона вирусот и санкциите наметнати на Пјонгјанг поради неговата програма за оружје.

110-минутниот документарец „Големата година на победата, 2021“ бележи низа достигнувања во текот на изминатата година, вклучувајќи развој, изградба и напори да се победи пандемијата, пренесува Ројтерс.

Во документарецот, нараторот постојано ги фали ваквите проекти како сигнали за „победа“, кои наводно биле предводени од лидерот Ким Џонг Ун.

Ројтерс забележува дека севернокорејскиот лидер е видно послаб на најновите снимки, што повторно ги разгоре шпекулациите за неговото здравје.

Исто така, во еден момент од филмот, Ким се гледа како се бори да се спушти по импровизираните скали за време на посетата на градилиште.

Документарецот го прикажува и Ким како го гледа изгрејсонцето додека јава бел коњ на плажа.

Сепак, во филмот не се прецизираат тешкотиите со кои се соочил Пјонгјанг, но Ројтерс повикувајќи се на агенциите на Обединетите нации тврди дека станува збор за се поголемиот недостиг на храна поради санкциите, сушата и поплавите.

На почеток